Македонија
26. January 2022 - 16:31

Дефект во електричната инсталација - најверојатна причина за пожарот во „Жито Битола“

Завршен е увидот на објектот на пекарата и млин „Жито Битола“ каде во неделата избувна пожар, а од битолската полиција потврдуваат дека увидот е направен на 24 јануари во 14 часот. Според првичните сознанија, се претпоставува дека пожарот е предизвикан од дефект на електричната инсталација. Пожарот се раширил на повеќе места и предизвикал голема материјална штета на зградата, целосно е изгорена кровната конструкција, а исто така изгорена е и опрема.

Во врска со настанатиот пожар, Основното јавно обвинителство Битола оформи предмет и издаде насоки за утврдување на причините за пожарот. По насоките на јавниот обвинител се постапува, а по утврдување на фактите ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Како што информираа од противпожарната единица од Битола, навреме беше спречен пожарот да не се прошири кон магацините и силосите во кои имаше жито.

Пред повеќе децении „Жито Битола“ беше најголемата мелничко-пекарска компанија во југозападниот дел на Македонија, која во 2007 година отиде во стечај. Од неодамна, млинот и пекарата се во приватна сопственост, а новиот сопственик изврши реновирање и го возобнови производството на брашно и леб.

Инаку опожарениот објект кој е дел од капацитетот, е стар над 120 години и датира уште од османлискиот период и е поознат како млинот на Исмаил бег. Директорката на Завод и Музеј Битола, Мери Стојанова информира дека тој е вклучен во изработените Заштитно-конзерваторски основи кои се однесуваат на индустриската зона Жито Битола и Транскоп, во чии што рамки е овој објект. Тој има предложен режим на заштита од 2 степен, но иако е утврден како недвижно културно наследство, за него не е изработен елаборат.