Македонија
22. January 2024 - 16:34

Децата од Струмица ќе бидат згрижени, семејството било без документи

Трите други малолетни деца од семејството на повреденото четиригодишно девојче кое пред неколку дена во кртична состојба од Струмица беше донесено во клиничкиот центар во Скопје ќе бидат дадени во згрижувачко семејство. Мајката засега останува во болница заедно со девојчето и со неа ќе работи стручен тим за јакнење на нејзините вештини за родителство. Дали во иднина децата повторно ќе се вратат кај родителите ќе зависи од центарот за социјални работи кој треба да утврди дали тие се способни да се грижат за нив.

Во меѓувреме  било утврдено дека се работи за семејство без лични документи или таканаречените фантоми кои не се од Струмица и тука престојувале привремено. Во делот на причините за настанувањето на повредите кај девојчето  за сега нема нови информации. Дали тоа навистина било нападнато од куче како што тврдела мајката или пак не ќе утврдат истражните органи кои интензивно работеле на случајот.

Четиригодишното  девојче со видливи рани и тешки повреди  во струмичката болница било примено пред шест дена. По извршената реанимација која била неопходна и стабилизирање на неговата состојба  од страна на дежурниот тим составен од хирург, анестезиолог и педијатар со возило на итната медицинска помош тоа е пренесено на детската клиника во Скопје. Во моментов детето е со стабилни витални параметри.