Македонија
4. February 2016 - 14:34

Дебата за процесот на иселувањето на високообразованите млади луѓе

Создавање поголеми можности за лична реализација на младите преку привелкување на компании во Македонија кои ќе ги апсорбираат високо-образовните кадри, искористување на потенцијалите и можностите на лицата кои си заминале преку нивна поголема мобилизација и нивно мотивирање за пренесување на стекнатите знаења дома. Ова се заклучоците од денешната дебата „Актуелните предизвици на процесот на иселување на високообразовани млади луѓе од Република Македонија“ организирана од Здружението за граѓански и младински политики „Центар за европски иницијативи“ од Скопје.

Претседателот на Центарот за европски иницијативи (ЦЕИ) Христијан Конески рече дека целта на дебатата е да се анализира постојната ситуација како и да се постави терен за идна соработка и креирање младински политики за спречување на одлевањето на високообразовани млади луѓе од државата и подигнување на свеста за можностите дома. Конески посочи дека не постои точна бројка на вкупно иселени млади луѓе, иако деновиве член на ДИК повикувајќи се на евиденцијата на МВР објави бројка од 78 илјади за 2015 година. 

Според продеканот на Филозофскиот факултет Аница Драговиќ, механичкото движење на населението е дел од правото на човекот и не може и не треба да биде ограничено, додека секој проблем што денеска го разгледуваме е дел од еден поширок глобален проблем.

- Македонија е традиционално миграциско подрачје, а трендот на отселување на високообразовани млади луѓе започнува во 90-тите години на минатиот век и според статистиката не е запрен и продолжува и денеска. Тоа е поразителен факт во однос на бројки, но позитивните аспекти се гледаат во контекст на развој на послабо развиените подрачја од кои најчесто се иселуваат луѓето и според мене претставува позитивен феномен, нагласи Драговиќ. 

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски рече дека Агенцијата вложува во младите и од 2013 година минималниот број на млади кои учествуваат во активните мерки и програми изнесува 30 проценти, додека во 2015 година изнесува 40 отсто.

- Формирани се повеќе типови на мерки кои директно се однесуваат на младите. На пазарот постои недостиг на сертификати потребни за младите да добијат соодветно работно место, така да од 2010 година тие се нудат како можност за полагање. Досега од вкупниот број на учесници од околу 600, 490 директно работат, нагласи Поповски.

Според Поповски, иако имаме соодветно образование, немаме соодветна пракса, што е најголема пречка при вработувањето на младите.

- За таа цел изминатите неколку месеци интензивно работиме со компаниите со цел да ги отвориме за лицата со соодветно образование да го стекнат неопходното практично искуство. Како мерка на Агенцијата се нуди реална платена три месечна пракса, истакна тој, додавајќи дека се достапни и кредити за самовработување на млади лица.

Во Македонија секојдневно се отвораат околу 500 до 600 работни места, рече Поповски, додавајќи дека од 2007 до 2015 година 42 илјади лица добиле работа од кои 34.800 се уште работат, преку мерките и услугите на Агенцијата, а од кои 16 илјади се млади лица на возраст до 29 години. Дополнително на тоа со мерката за вработување на млади со ослободување од придонеси од 2014 година се вработени 12,140 млади лица.   

Според клиничкиот психолог Диана Белевска, младите сакаат промена, побрзо осамостојување и сакаат можност за остварување на своите визии, а постарите често немаат доволно сенс за брзината, мислата и иницијативноста на младите, поради што чекорите што ги правиме бараат нов начин на размислување и тие мора да бидат усогласени со потребите на младите.

Стефан Андоновски, еден од високообразованите луѓе што се вратиле во Македонија, смета дека општ заклучок на сите млади кои заминале во странство за стекнување на посакуваното ниво на образование е дека доколку имаат можност да се вратат, би се вратиле во Македонија.

- Време е младите да преземаат иницијативи и да не чекаат некои други, најчесто повозрасни да ги преземаат иницијативите за нив. Сметам дека тука не може да се дочека, но затоа може да се изгради иднина, порача Андоновски.