Македонија
4. October 2022 - 16:45

Даночни ослободувања, одложени плаќања и ваучери за храна и сметки - Што може да биде дел од мерките за помош?

Ваучери за струја или за купување на основни прехранбени производи за пензионери и граѓани со минимални примања. Даночни ослободувања или одложено плаќање на ДДВ то за фирмите. Ова ќе бидат само дел од решенијата кои експертската  јавност ќе и ги понуди на Владата за полесно пребродување на кризниот период. Сепак, извори за Сител пред утрешниот за бизнисот клучен ден,  велат  дека прво мора да слушнат колку пари има обезбедено државата, а потоа ќе одлучат што е приоритет.  Во секој случај, согласни се дека помошта треба да бидат таргетирана , односно насочени само кон граѓаните и фирмите на кои навистина им треба.

Очекувањата на стопанствениците се мали. Велат  – до сега веќе требаше да има мерки.  Октомври сме, а владата нема обезбедено ни струја, ни мазут.

Соочени со високите сметки за струја , од Стопанската Комора  најавија – ако до утре нема помош голем дел од фирмите кои се на слободниот пазар ќе стават клуч на врата, а илјадници вработени ќе останат на улица.  Помош за нив треба, согласен е и некогашниот вицепремиер Анѓушев. Но не за сите.

Овие комапни учествуваат со 90% во создавањето на БДП. И треба да им се помогне. Но не на сите. Банки, осигурителни компании , телекомуникации – кај нив учеството на струјата во вкупните трошоци е мало.

Тие можат да издржат. Оние компании каде учеството на електрична енергија во вкупните трошоци е над 20%-30%, а кои се на слободен пазар, реално нема да можат да ги издржат високите цени на енергенсите. Ако овие компании почнат со затворање, а имаат голем број на вработени, тие луѓе ќе немаат на кој начин да ги платат ни сметките,” рече Анѓушев, коментирајќи ја состојбата со најголемите стопански субјекти, кои во основа ја сочинуваат македонската економија.

Утре на социо – економскиот совет ќе се слушат мислењата на  експерти, академици, универзитетски професори, поранешни министри  за излез од кризата. Потоа Владата, врз основа на парите со кои располага,  ќе  одлучи што ќе содржи помошта.