Македонија
5. October 2022 - 16:38

Дали новото раководство во ДУИ ќе донесе и нов владин кабинет?

Дали најавата на првиот интегративец Ахмети за избор на ново претседателство на партијата и давањето отчет за сработеното ќе значи и смена на Артан Груби...Откако не беа одбиени барањата на т.н Огнена група за негово разрешување , Ахмети најави нова средба за 10 дена, непосредно пред закажаната пленарна седница на 17 октомври кој ќе биде тест за власта во Парламентот. Од одлуката во Мала Речица ќе зависи не само стабилноста на владата туку и на парламентарното мнозинство, бидејќи двајца пратеници од ДУИ се потписници на барањето за смена на Груби.

Неофицијално, по вчерашната средба Ахмети понудил, две клучни партиски позиции на пратеникот и прв човек на чаирскиот огранок на ДУИ Изет Меџити да стане генерален секретар на партијата, а градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, потпретседател на ДУИ. Седницата на 15-ти октомври ќе даде и одговор дали со евентуална смена на Груби од вицепремиерската функција , заедно со оставката на Милевски од локална самоуправа ќе донесат и реконструкција на Владата.

Експертската јавност е јасна дека одлуката дали ќе го жртвува Груби или ќе го изгасне огнот во партијата е во рацете на Ахмети. Според политичкиот аналитичар Сефер Селими, неизвесно е дали се искрени намерите на Ахмети да даде шанса на револтираните функционери или ја користи ситуацијата за да го одолговлекува формирањето на партсиките органи и да го „спаси“ Груби..

Дополнителен проблем за власта е предлогот на Павле Трајанов како дел од мнозинството, кој бара формирање на широка коалиција, според која во влада би влегле и помалите опозициски партии. За СДСМ ваквиот предлог не е прифатлив.

И  ЛДП која по оставката на Милевски и од партиската и од Министерската позиција, остана без лидер, се против формирање широка коалиција и предвремени избори.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека се помалку пратеници од мнозинството сакаат да останат на бродот кој тоне.

А парламентарното мнозинство веќе ќе биде ставено на тест со изборот на новиот министер за локална самоуправа. Оставката на Милевски е во собраниските архиви, но не и предлогот за нов министер, но сепак ќе ја даде сликата дали власта има доволно пратеници да носи одлуки во Парламентот.