Македонија
9. јуни 2023 - 16:32

Дали министерот за здравство ќе ги привилегира косовските и албанските државјани?

„Жителите на Косово и Албанија не се странци и тие ќе се лекуваат по исти цени како македонските граѓани во јавното здравство“.

Од Министерството за здравство денеска ја дообјаснуваат изјавата на Меџити. Тврдат дека мерката не е нова и дека не се однесува само за жителите на Косово и Албанија туку за сите странски државјани. Истите и досега имале можност да се лекуваат приватно во македонските јавни здравствени установи, но по различни цени. 

„Потенцираме дека воопшто не станува збор за изедначување на цените помеѓу странските државјани и државјаните на РСМ, туку изедначувањето е со приватните пациенти кои не се здравствено осигурени, односно кои не плаќаат здравствено осигурување. Иста е ценатa. Македонските државјани кои што немаат здравствено осигурување ќе плаќаат иста цена со странците, бидејќи се работи за приватна услуга“, велат од Министерството за здравство, од каде објаснуваат дека за овие приватни услуги, странските државјави не треба однапред да закажат термин за преглед кај специјалист.

Изјавата на Меџити ја брануваше јавноста, особено помеѓу лекарската фела, која секојдневно се соочува со недостаток и на кадар и апарти. Дали распаднатото македонско здравство може да си дозволи да лекува и странски државјани?

Реагираше и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата обвинуваат дека наместо за странски, државата треба да почне да се грижи за лекување на македонските граѓани. 

„Додека нема пристап до здравствени услуги и нашите граѓани не можат да дојдат до здравствена услуга,  властите иако без решенија за проблемите на нашите граѓани кои плаќаат осигурување секој месец без разлика дали користат или не здравство, одлучија повеќе да се грижат како лица од други држави да плаќаат за услуга како и македонските граѓани. Нејасно е колку оваа мерка ќе ги чини македонските граѓани и како ќе се дојде до тие пари во македонското здравство и како македонските пациенти ќе се лекуваат во здравството“, вели Игор Николов, претседател на комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.