Македонија
11. April 2021 - 16:34

Дали македонски пасош добивале и припадници на ИСИС?

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека на листата криминалци со лажни македонски пасоши се наоѓаат и борци на ИСИС.

Тврдат дека ваква патна исправа во 2018-та му е издадена и на косовскиот државјанин Фитим Дема, член на радикалната терористичка група, баран со потеница од страна на судот во Приштина.

- Да го потсетиме министерот дека во 2018-та година кога Фитим Дема, терористот од ИСИС добива македонски пасош, министер е Оливер Спасовски за да не се збуни да не наведе друг министер во тоа време.

Исто така во 2019-та година министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски кога албанските медиуми на големо пишуваат дека е уапсен Фитим Дема, терорист од ИСИС кој што поседува македонска патна исправа. 

Во нормална држава ќе се броеја часовите или деновите кога министерот за внатрешни работи после еден ваков голем скандал  ќе си поднесеше оставка. Но, во Македонија гледаме дека наместо одговорност за скандалот „Мафија“, испаѓа дека мафијата си има своја држава и никој не поднесува одговорност, вели Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ и денеска бараат одговор на прашањето – дали Мицкоски поради лични интереси го брани криминалот и се обиде да ја саботира полициската акција.

- Пред неколку денови, Министерство за внатрешни работи јавно соопшти дека еден од приведените во полициската акција „Двојник“ имал контакти и бил во тесна врска токму со бранителот на криминалот Мицкоски. Мицкоски до ден денеска не одговори, дали имал таква соработка и кој е тој човек? Дали таквите контакти се причината поради која Мицкоски се обидуваше да ја загрози и саботира сложена полициска операција, јавно изнесувајќи детали додека акцијата траеше? Одговор на ова треба да даде независна, професионална истрага од надлежни инситуции, вели Стефан Васев од СДСМ.

Во полициската акција која МВР ја спроведе во соработка со американската амбасада беа приведени 9 полицајци. Министерот Спасовски објави дека во период од 1 година колку што траела истрагата биле издадени 214 лажни пасоши и лични карти на странски лица со идентитет на македонски државјани.