Македонија
9. August 2022 - 16:33

Дали куќата на клубот „Ванчо Михајлов“ била имот на еврејската заедница?

Еврејската заедница во Македонија во битолскиот катастар ќе го проверува потеклото на куќата каде е сместен бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. Ова следи после прилогот на германската национална телевизија ZDF насловен „Не по секоја цена во ЕУ“ каде новинарката вели дека куќата во Еврејскиот кварт некогаш припаѓала на еврејско семејство кое било депортирано за време на нацистичката ера.

-Немаме податоци дека таа куќа припаѓала на еврејско семејство, вчера ја слушнавме веста на телевизија, и денеска веднаш сакавме да провериме во битолскиот катастар како стојат работите. Куќата моментално се води на човек Македонец од Битола, а како се движел имотот се надевам дека ќе добиеме податоци за околу 7 дена, вели Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во Македонија.

Од битолскиот катастар велат дека може да се добие уверение за движење на сопственоста од 1932 година па досега, а ќе можат да се видат сите промени и со кои документи, а постапката ќе трае во зависност од обемноста.

Инаку, на улицата „Рузвелтова“ во Битола постојат неколку објекти за кои со сигурност се градени од Евреи и во нив живееле еврејски семејства. А тука се наоѓа и Пионерскиот дом, некогашно еврејско училиште.

-Еврејскиот хашомер хацеир е во сопственот на Еврејската заедница, има и неколку куќи кои припаѓаат на Еврејската заедница таму и кои се дообиени назад по пат на денационалнизација, вели Леви.

Но, за куќата каде сега е сместен бугарскиот клуб, според познавачите на овој дел од историјата на Битола, засега нема познати и официјални податоци дека припаѓала на еврејско семејство.