Македонија
1. October 2020 - 16:51

Дали ќе се отворат границите во регионот без ПЦР тест?

Ниту за продолжениот викенд за 11-ти октомври македонските граѓани нема да можат да одат во Грција. Јужниот сосед ја продолжи одлуката за забрана за влез на државјани на трети земји уште 12 дена. На граничниот премин Евзони со Македонија, кој е отворен од 7 до 23 часот можат да влезат само лица кои имаат регулиран престој во земјата, како и оние кои имаат неопходни професионални или медицински потреби, но со негативен ПЦР тест не постар од 3 дена. Ова не важи за транспортерите.

Со ваквата одлука Грција останува надвор од иницијативата за истовремено отворање на границите во регионот без тестови и карантини. Македонските здравствени власти сеуште чекаат одговор од Србија и Бугарија, а досега согласност дале министрите за здравство на Албанија, Црна Гора и Косово. Целта е истовремено земјите од Западен Балкан да се отворат едни кон други без ограничувања. Од министерството за здравство информираат кога сите држави ќе се изјаснат ќе се дискутира на Комисијата за заразни болести, потоа и на Владиниот кризен штаб, по што ќе се донесе одлука.

Во меѓувреме премиерот Заев изјави дека при отворањето на границите прво треба да се води сметка за здравствениот, а потоа за економскиот аспект.

-Ќе треба да бидеме внимателни и во двата аспекта при отворање на границите и на здравствениот и на економскиот аспект, и двата се подеднакво важни, секако најважниот преовладува тоа е здравјето на луѓето. Некојпат и економските ресори велат нека страда економијата ако здравствениот ризик е поголем, изјави Премиерот Зоран Заев.

Од денеска и Словенија ги отвори границите за македонските државјани, но со негативен ПЦР тест не постар од 48 часа. И за Бугарија и Хрватска е истата процедура. Во ниту една друга членка на Европската Унија како туристи не сме пожелни ниту со тестови.