Македонија
6. May 2021 - 16:46

Дали има конфликт на интереси во набавката на противпожарно возило со скали?

Купената скала од град Скопје за потребите на противпожарната бригада под лупа на Антикорупциската. Антикорупцинерите ќе истражуваат дали јавната набавка била спроведена согласно законот.

Шилегов останува на ставот Антикорупциска да го истражи случајот. Тврди дека опозицијата манипулира со цената. Скалата не била идентична со онаа на загребската служба, а  фирмата Армор плус   која е во сопственост на зетот на секретарот во Град Скопје не ја набавила, туку била задолжена за оддржување и сервисирање на опремата, објасни Шилегов на брифинг.

Производителот ја одбра оваа фирма бидејќи е единствен овластен застапник за одржување на ваков вид опрема во земјава. Дополнително за оддржување на друг дел од опремата ќе се грижи српска фирма. Нема конфликт на интереси, бидејќи сопственикот на Армор плус не учествуваше во ниту еден дел од постапката. Парите согласно договорот ќе ги добие ги унгарската фирма од каде и е купена опремата. Дадовме 20 проценти аванс. ВМРО-ДПМНЕ се лажговци и манипулатори.Ќе се изнаслушаме глупости во предизборието, вели Шилегов.

Опозицијата и денеска со обвинувања за набавка на скалите. Од партијата тврдат дека 4 милиони јавни пари завршиле во фирмата на зетот на секретарот на Шилегов.

Од град Скопје велат дека од 26 постапки во изминативе 3 и пол години,  фирмата Армор плус до сега добила 2 тендери за потребите на противпожарната бригада.  Еден во 2018 година за набавка на 25 изолациони дишни апарати и во 2020  за набавка на 100 одела за шумска и техничка интервенција. Инаку опремата за потребите на противпожарната бригада се очекува да пристигне до 20-ти мај.