Македонија
23. October 2021 - 16:43

Дали дипломатската пошта на МНР се користи како параван за шверц на акцизна стока?

Дали дипломатската пошта се користи за шверц на акцизни стоки, наместо за превоз на работи потребни за дипломатските претставништва? Оваа дилема се отвара откако порталот Мкд.мк објави информации дека камион управуван од шофер со македонски пасош и дипломатска документација бил сопрен на словенечко – италијанската граница поради шверц на цигари и алакохол.

По правило дипломатските пратки не подлежат на детални проверки од царинските служби, но нешто не се совпаѓало во документацијата. Па, поради сомнеж бил активиран скенерот на граничниот премин и потоа бил извршен претрес.

Наместо вообичаена дипломатска документација, опрема, мебел за амбасади и конзулати или работи на дипломатскиот персонал наводно било пронајдена поголема количини на цигари и алкохол затворени со дипломатски печат и пломби.

Според мкд.мк камионот тргнал од Скопје, а со акцизната стока бил натворан во Србија од каде продолжил преку Хрватска и Словенија во Италија.

Од МНР тврдат дека веднаш направиле проверка на информациите и документацијата, но злоупотреби не биле пронајдени.

Според првичните информации добиени во изминативе два дена, не е најдена никаква трага во Министерството, за евентуална пратка која би можела да биде основа за злоупотреба. Дополнително, дадена е насока и во рамките на нашите дипломатско конзуларните претставништва за проверка на сите добиени информации за евентуални случаи со приведени наши граѓани, кои би можеле да бидат слични со пласираните наводи. Засега и од нашите претставништва не е добиена информација за евентуален сличен случај, кој би можел да соодветствува со наводите“, велат од министерството.

Сепак, од таму велат дека нема толеранција за злупотреба на дипломатските пратки и дека во следниот период следат дополнителни проверки за тоа како се спроведува оваа пошта.