Балкан
14. September 2017 - 10:53

Дачиќ: Акцијата на РОСУ е продолжување на притисокот врз Србите во Косово

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ оцени дека синоќешната акција на припадници на косовските специјални полициски единици (РОСУ) е продолжување на притисокот врз Србите во Косово.

Припадници на РОСУ синоќа извршија претрес во просториите на општина Пеќ и го приведоа секретарот на локалниот огранок на Црвениот крст на Србија, Момо Дашиќ, откако претходно беа уапсени и секретарите на српскиот Црвен крст во Грачаница и Драгаш.

- Тоа е начин за заплашување на Србите и порака дека тие можат да бидат обвинети за се и сешто. Мораме да бидеме подготвени и да имаме правни тимови кои ќе се борат и ќе им пружат поддршка на нашите граѓани кои таму живеат, изјави Дачиќ во утринската програма на РТС.

Тој оцени дека кога Црвениот крст се смета за непријател, се гледа колку се отишло далеку во политиката на заплашување.

- Меѓународната заедница често се лути. И јас имав многу проблеми со големите сили по седницата на советот на Обединетите нации по мојата жестока реакција во врска со лагите кои доаѓаат од Приштина, истакна Дачиќ. Српскиот вицепремиер и министер за надворешни најави дека на седницата на ОН, на која ќе присуствува заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ, една од главните теми ќе биде Косово.

Инаку, во синоќешната акција, полицијата во Грачаница и Драгаш ги одзеде печатите на Црвениот крст и заплени документи за социјално загрозените семејства.

Од косовската полиција засега нема објаснување за синоќешната акција. Сепак, косовските медиуми тврдат дека во големата полициска операција се уапсени неколку луѓе поради шпионажа.

„Косово прес“, повикувајќи се на неименуван извор од полицијата, објави дека во акцијата е пронајден материјал кој укажува на илегално прибирање лични податоци во Косово.