Македонија
2. April 2021 - 15:36

Д-р Гроздановска: Не сме заштитени веднаш по примање на вакцината

– По примање на вакцината против Ковид-19, една од најважните работи е дека вие не сте заштитени, потребен е одреден временски период да бидете заштитени. Во зависност од различни вакцини и нивниот механизам на делување, најмалку две до три недели за да почнат да се создаваат антителата, но комплетно заштитена индивидуа е две недели после втората доза, информира на денешниот брифинг д-р Александра Гроздановска Фармацевтскиот факултет при УКИМ и претседателка на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство.

Тоа е важно, бидејќи, како што сподели таа, искуствата покажуваат дека голем дел од недовербата на вакцините се должеше на тоа што пациенти кои ја примиле вакцината, неколку дена после вакцината развиваат Ковид, а тоа, потенцира, не се должи на неефикасноста на вакцината, туку на непрактикувањето на превентивните мерки и очекувањата дека вакцината ќе делува веднаш во првите два, три дена.

– Во однос на тоа колку време по прележан ковид може да се прими вакцината. Не може да се заземе апсолутен критериум, бидејќи секоја индивидуа не го проаѓа Ковидот на ист начин со иста патологија и иста клиничка слика. Основен принцип е најмалку еден месец после прележувањето на Ковидот, но збориме кај комплетно оздравена индивидуа или шест месеци по прележувањето, бидејќи тогаш очекуваме дека титарот на антитела иако тоа не значи секогаш параметар, но веќе може да ја прими вакцината, вели д-р Гроздановска.

За процесот на вакцинација таа вели дека од медицинскиот персонал ќе искористат буквално се што е на располагање. Самиот процес на вакцинација, вели, ќе биде динамичен, отстапување ќе има, но како рамка ќе се држат по Национаниот план и приоритетните групи за вакцинација. Здрвствениот дом, како што информира, ќе обезбеди во „Борис Трајковски“ во две смени комплетни екипи од по четири лекари и 12 сестри, односно да има вкупно постојано 24 сестри и 16 лекари, а дополнително имаат помош и од друг и медицински и немедицински кадар.

– Очекуваме дека Ковид-19 ќе продолжи за жал и во оваа 2021 година, и мора да бидеме многу свесни дека маската, дистанцата, хигиената ќе бидат задолжителни. Почетокот на вакцинацијата нема веднаш да значи намалување на Ковид-19. Ризичните групи се извонредно приоритетно и високо препорачливи да се вацинираат, но вакцината не е задолжителна и се прима на доброволна база. Она што е важно сите вакцини се безбедни и ефикасни, а ризикот од несакани ефекти е неколкукратно, илјадници пати помал во однос на ризикот што ја носи болеста со Ковид-19, рече Гроздановска, додавајќи дека вакцините ќе ја извојуваат најголемата здравствена победа во човековата историја.

Таа информира дека теренската вакцинација за лицата во старските домови е веќе почната, од вчера, а се спроведува на начин што доставуваат списоци, локација и потоа се организира таа вакцинација.

До моментов, како што информира, имаат дадено Фајзер прва доза на 4.027 лица, втора доза – 3.728, Астра Зенека – 663, Спутик В – прва доза 2.996, Спутник втора доза – 267. Досега до МАЛМЕД, според нејзините информации, стигнале неколку пријави кои се однесуваат на несакани реакции од вакцините, меѓутоа најчесто тие пријави се должат на покачена температура.

Според, проф. д-р Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика, вакцинацијата треба да ја прифатиме со сите средства и сили, бидејќи се работи за вакцини кои имаат ефикасност над 90 проценти. Најважниот параметар на перформасните на вакцините, како што рече, е успешноста на вакцината да елиминира шанса за смрт.

– Ефектот на вакцината во спречување на смртен исход е апсолутно постигнат, таа цел на создавањето и имплементирањето на вакцините и исто така огромен успех вакцините имаат во елиминирање на тешка болест. Да, ќе се појават и нови случаи, но тие случаи ќе бидат случаи кои нема да треба да стигнат до болница и со тоа наместо со ова оптоварување од 30, 40 мртви неделно и по над 1000 новоинфицирани од кои 200, 300 ќе завршат во болница, болниците ќе можат да се вратат на останатите патологии кои во моментов се страшно потиснати, вели Петличковски.

Вакцините, како и сите медицински препарати, вели, имаат некакви несакани ефекти.

– Тие се најчесто оток на местото на апликацијата, болка, лимфна жлезда порасната локално во близина на местото на апликација, замор, главоболка, некогаш температура, особено кај аденовирусните вакцини температурата почесто се јавува и трае 24, 36 саати, два дена и исклучително ретко се можни сериозни алергиски реакции и се можни сериозни случаи на длабоки венски тромбози. Кога ќе кажам исклучително ретко, мислам на четири до шест случаи на милион вакцинирани, или десетина случаи на милион вакцинирани со сериозни анафилактички реакции, и притоа ова се сериозни реакции, но ниеден од тие десетина не умира. Сите тие десетина се спасуваат, има ретки случаи некои од овие сериозни тромбози да заврши со летален исход, рече Петличковски.