Македонија
6. March 2021 - 21:31

Д-р Беќаровски: Затворете ги Градскиот парк и Водно од 22-04 часот - 0% економска загуба, голем здравствен ефект

Докторите алармираат дека убавото времето предизвика враќање пред сè на младите по парковите, особено на малолетниците, кои често се собираат во поголеми групи и не ги почитуваат превентивните мерки.
Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија смета дека новиот бран од пандемијата бара нова рестрикција, односно ограничување на движењето по парковите и Водно.

“Предлагам меѓу 22 и 4 часот Градскиот Парк да биде затворен за движење на население. Истото важи и за Водно. Сега зборуваме за Скопје, најверојатно и во останатите градови има места каде што се собираат младите, со цел на некој начин да се спречи оваа појава. Од една страна имаме ширење на Ковид-от, од друга страна треба да го видиме и другиот ефект. Веќе година дена училиштата не работат, младиве се затворени по своите домови. Тие мора да најдат некаде издувен вентил. Ако не ги организираме ние, како што гледаме самите се организираат”, вели д-р Нико Беќаровски.

Најприсутни по парковите се младите, кои и покрај превентивните заштитни мерки се собираат во поголеми групи навечер, особено по затворање на угостителските објекти. Покрај опасноста од ширење на вирусот, д-р Беќаровски предупредува и за растечкиот тренд на консумирање алкохол и наркотици.

“Мојот апел е пред сè до родителите, посебно тие што имаат дома тинејџери, нека припазат каде им се движат децата. За жал приметивме и зголемено консумирање и на наркотици, полесни дроги, меѓутоа и кокаин во последно време, кои што се резултат повторно на овие забави и собиранки, кои што се случуваат после 22 часот во Градскиот Парк. Така што апелот е, со оглед дека разбираме и за економска ситуација и за сè, меѓутоа малолетниците некако би требало после 22 часот сепак да бидат дома. Мојот апел би бил малку и до училиштата. Навистина во моментов не е време да се вратат во школска клупа. Меѓутоа доаѓаат топли, сончеви денови, кога може да се организираат разни активности надвор од училиштата”, вели д-р Нико Беќаровски.

Веќе неколку општини ширум земјава бараат воведување полициски час поради влошената епидемиолошка состојба со која се соочуваме во последниот период предизвикана од британскиот вирус. Комисијата за заразни болести во понеделник ќе одлучи дали ќе се воведат нови рестриктивни мерки.