Македонија
28. December 2018 - 13:36

Црвен крст подели пакети со облека за бездомниците

Во Центарот за бездомници на Црвен крст денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов заедно со волонтери од Црвен крст поделија пакети со топла облека за бездомниците.

– Традиционално Град Скопје во соработка со Црвен крст е вклучено во овој предновогодишен настан со цел на нашите бездомни сограѓани да им дадеме помош во нивната тешка состојба, истакна Шилегов.

Посочи дека буџетот за Центарот за бездомници на Црвен крст во Момин поток за 2019 година е зголемен за 700.000 денари, нагласувајќи дека околу март ќе почне таму да работи и трпезаријата.

– Започнавме во текот на оваа година да ангажираме лица од оваа категорија во рамки на комуналните претпријатија, со цел да го нормализираме нивниот живот, наведе Шилегов, информирајќи дека во текот на 2018 година се ангажирани десетина лица.

Изрази надеж дека и останатите институции ќе го земат примерот на Град Скопје и ќе се обидат на таков начин да помогнам.

На новинарското прашања, околу тоа зошто поголем број на бездомни лица не се ангажирани, градоначалникот на Град Скопје одоговори дека дел од нив не секогаш сакаат да работат, проценувајќи дека, веројатно се навикнати на начинот на којшто живеат.

– Јас не се согласувам, ние даваме стимулации со цел да го смениме тој начин на живеење. Градот Скопје овие стотина лица нема проблем да ги ангажира, секако доколку сакаат, во рамки на комуналното претпријатие, бидејќи станува за популација со ниско едукативно ниво и не може да си дозволи да врши повисоки функции, потенцираше Шилегов.

Секретарот на Црвен крст Сузана Тунева Пауновска изјави дека бездомниците добиле пакети со цел да се подобри нивната состојба и како што рече, тие да ја почувствуваат радоста на Нова година.

– Морам да истакнам дека овој пункт за бездомни лица на територијата на град Скопје функционира беспрекорно. Амбулантата работи два дена во неделата, добиваат лекови, за одржување на нивната лична хигиена и дополнителна облека, како и се што им е потребно се грижи тимот на патролните социјални работници и секако логистичкиот тим што е задолжен исто така да патролира на територија на Скопје за да се прави проценка за нивните потреби, објасни Тунева Пауновска.

Посочи дека е важен сегментот на социјалната поддршка, бидејќи, како што рече, веќе долго време говориме дека станува збор за луѓе кои ја имаат изгубено довербата во себе, во системот, во сите…

– Нашата единствена цел е реинтеграција во општеството се со цел да не бидат зависни од социјалните сервиси кои ги нуди пунктот за бездомни лица, истакна таа.

Бидејќи пунктот за бездомници ќе работи 24 часа за време на новогодишните и божиќните празници, Тунева Пауновска упати апел до сите граѓани, доколку видат лица кое има потреба од нивните услуги да извршат дојава во Црвен крст.