Балкан
30. September 2022 - 17:56

Црна Гора протера уште 28 странски државјани поради соработка со странски служби

Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност ускратија престој и забранија влез во Црна Гора на 28 странски државјани кои работеле за странски служби, соопшти денеска Министерството.    

„Преку акцијата спроведена од Агенцијата за национална безбедност, се идентификувани лица како носители на малигно влијание извршено за интереси на странски служби“, се наведува во соопштението. Во информациите доставени до медиумите нема информации од која земја се депортираните, ниту се соопштува нивниот идентитет.

Протерувањето на 28 странски државјани следува еден ден по акцијата против двајца црногорски и неколку руски државјани поради сомнение за шпионажа и соработка со руската разузнавачка служба.