Балкан
5. April 2021 - 10:24

ЦИК на Бугарија: По преброени 54 отсто гласови, води ГЕРБ на Борисов со 24,88 отсто

По обработени 54,63 отсто од протоколите од избирачките места во Бугарија, коалицијата предводена од премиерот Бојко Борисов ГЕРБ – СДС има 24,88 отсто од гласовите на изборите за новиот бугарски парламент, објави Централната изборна комисија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, партијата на шоуменот и ТВ водител Слави Трифонов „Има таков народ“ доби 18,74 проценти и ја одржува тенденцијата да биде втора политичка сила во Бугарија по вчерашните парламентарни избори во земјата.

БСП на Корнелија Нинова доби 14,91 процент од гласовите, а „Демократска Бугарија“ на поранешниот министер за правда Христо Иванов 10,53 проценти, Движењето за права и слободи на Мустафа Карадаи 8,99 отсто, а „Исправи се! Мутри излези!“ на поранешниот народен правобранител на Бугарија Маја Манолова доби 4,98 отсто, што е мало зголемување во споредба со првите резултати минатата ноќ.

Според податоците на Централната изборна комисија, ВМРО засега не влегува во следното Бугарско национално собрание затоа што не го поминува прагот од 4 отсто, односно има – 3,55 проценти од гласовите. Под прагот остануваат партијата на најбогатиот бугарски бизнисмен, кој се крие од правдата во Дубаи – Васил Божков, чија формација БНО доби 3,14 отсто, како и партијата „Преродба“, која има 2,79 проценти од гласовите.