Свет
21. October 2015 - 9:26

Чуркин: САД, Франција и Велика Британија ги узурпираат клучните функции во ОН

САД ја злоупотребуваат позицијата на земја-домаќин на Обединетите нации, а заедно со Велика Британија и Франција „фактички ги узурпираат“ клучните позиции во Светската организација, изјави синоќа постојаниот претставник на Русија во ОН, Виталиј Чуркин.

Тој повика за демократизирање на работата на Секретаријатот на ОН.

- Не може да се смета за нормално кога три клучни позиции, замениците генерални секретари за зачувување на мирот, за политички и за хуманитарни прашања се фактички узурпирани од три држави. Уверени сме дека за да има ефективност и легитимност во работата на Секретаријатот потребна е ротација на тие и на некои други високи функции меѓу сите земји-членки на ОН. Процесот на тие именувања треба да биде потранспарентен, рече рускиот амасадор.

Според него, повеќе западни земји и влијателни медиуми не посветуваат внимание на оваа ситуација и наместо тоа се насочуваат само на темата за реформирање на процесот на избор на генерален секретар на ОН, кој ќе се одржи следната година.

Чуркин нагласи дека изминатите месеци околку изборот на новиот генерален секретар се создава фама, при што понекогаш дискусиите се водат за несуштински технички аспекти. 

- До истекување на мандатот на актуелниот генерален секретар останува повеќе од една година, а сепак повеќе делегации инсистираат процесот на избор да почне уште од сега. Сметаме дека тоа нема никаква практична вредност, освен собирање поени за тие кои стојат зад овие иницијативи, смета Чуркин. 

Тој нагласи дека единствена цел при реформирањето на Советот за безбедност треба да биде зголемување на неговата ефективност и оперативност при решавањето на задачите за поддржување на меѓународниот мир и безбдност.

Според него, САД го злоупотребуваат тоа што се домаќини на ОН и посочи дека Вашингтон поканил косовски претставник на настан во ОН, а во друг случај ставил „визни бариери“ пред пристигнувањето во Њујорк на делегации на Абхазија и Јужна Осетија.