Македонија
7. May 2018 - 10:06

Четвртоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ наградени во Берлин

Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училишен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2018 година што традиционално се одржува во Берлин, Германија.

Заедничкиот проект, како што соопштија од училиштето, беше изготвен од учениците од 4б одделение „Ние и Ербас“, а координиран од двајца наставници во својство на ментори Елена Угриноска и Стефан Симовски.

Проектот на учениците од ова скопско училиште успешно ја помина прелиминарната фаза на натпреварот и влезе помеѓу десетте најдобри проекти, а за својот конечен пласман наградените добија соодветни дипломи и прикладен трофеј - автентичен модел на товарниот авион од флотата на Ербас: Ербас Белуга во размер 1:200.

Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС, во чии рамки е и познатиот производител на патнички авиони Ербас.

Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение ја донесе деветчлено стручно жири. 

Во името на деветчленото стручно жири на наградените ученици од ООУ „Лазо Трповски“ им се обрати раководителот на натпреварот Тим Е. Бранд.

Учеството на овој меѓународен натпревар ООУ „Лазо Трповски“ го реализираше како воннаставна активност.