Живот
22. March 2020 - 13:47

Четириесет питулици на шпорет, адетот во Ресава се тера и во изoлација

Четириесет питулици испечени одозгора на дрвен шпорет, адетот кој од генерација на генерација се пренесува во кавадаречкото село Ресава, се испочитува и денеска во кругот на семејството на Илија Биков, кое како и многу други во земјава, времето го поминува дома, како превенција од коронавирусот.

– Семејната традиција продолжува како и секогаш на денешниот ден, верскиот празник „Свети 40 маченици”. Адетот го наследивме од мајка ми. Секоја година на овој ден, сопругата Вера меси малку потечно тесто, како за палачинки. Става брашно, вода, прашак за пециво, по малку шеќер и сол. Помагам и јас. Со кутлач се става од смесата директно на плочата од шпоретот и се печат питулици. Се јадат со маџун, мед, слатко од грозје без семки. Сите што ги пробале низ години, се воодушевени од вкусот. Годинава ќе ги јадеме самите, членовите на нашето семејство, раскажа за МИА домаќинот Илија Биков.

Разговаравме по телефон. Ни откри дека во ова село познато по производството на квалитетно грозје и производи од грозје, на шега се пренесува и коментарот дека денеска треба да се испијат 40 чашки тиквешка жта, за здравје и среќа.

– Меѓу народот постои верување дека е ова тежок празник и дека ништо не се работи по поле. Или како што се вели, денеска ни пиле не прави гнездо, а камоли пак нешто друго да се работи, додаде Биков.

Денешниот празник на стартот на пролетта е познат и како Младенци. Низ годините се одбележува така што сите млади брачни парови слават, им доаѓаат блиските и им носат подароци. Годинава, поради коронавирусот, како што ни кажаа некои од младите, откажани се ваквите славења, за некои подобри времиња.