Македонија
6. January 2016 - 15:44

Чествување на Бадник во манастирскиот комплекс Свети Ѓорѓи во Мала Речица

Чествувањето на Бадник и оваа година во Тетовско денеска започна со палење на бадникарскиот оган во манастирскиот комплекс Свети Ѓорѓи во Мала Речица.

Голем број  верници и покрај врнежите од дожд и снег присуствуваа на благословувањето и режењето на кумските колачи и бадниковите гранчиња што го изврши тетовско-гостиварскиот митрополит господин Јосиф.

- Се порадосен сум кога доаѓам на ова место свето место за вас тетовци. Срцето ми е исполнето со радост кога ве гледам се побројни и побројни. Продолжете вака и само вака ќе докажеме дека си ја сакаме и татковината и нашата света црква. Господ да ве благослови и да се гледаме се побројни и побројни. Радосно да го дочекаме рождеството Христово утре и таа радост од раѓањето на богомладенецот Христос во текот на целата година да биде во нашите срца, им порача на присутните тетовско-гостиварскиот митрополит господин Јосиф.

Традицијата на палење на бадниковиот оган во манастирскиот комплекс во Мала Речица токму денеска датира од многу одамна. Таа беше прекината откако во декември 2001 година беше запалена манастирската црква, а ден потоа до темел изгореа конакот, кујната, игуменската соба при што овој значаен споменик на културата од највисок ранг остана без десетина икони од 17 век, иконостас, дрвени царски двери изработени во резба и др. Од пред шест години започна неговата обнова и прославувањето на сите православни празници и особено Бадник.

- Останало традиција од нашите постари што датира од 1912 или 1913 година и продолжува традицијата на помладите од нас постаритеи мислиме дека и понатаму ќе се продолжи таа традиција, рече миле Стефановски од црковниот одбор на манастирскиот комплекс Свети Ѓорѓи во Мала Речица

Во рамки на одбележувањето на Бадник освен благословувањето и палењето на бадников оган по црковните дворови вечерва низ тетовските маала, но и повеќе села се палат големи огнови додека помладите со маски го продолжуваат празнувањето низ кафулињата и рестораните низ Тетово и околината.