Македонија
14. April 2021 - 9:43

Честитка од министерот Спасовски по повод 29 години Царинска управа

Царинските работници се врската на нашата држава со светот, огледало за деловното опкружување на една земја, првичната перцепција на светот за нас и суштинска алка за унапредување на меѓународните економски односи, преку континуираните напори за олеснување на слободното движење на луѓе, стоки и услуги, вели во честитката во свое и во име на сите вработени во Министерството за внатрешни работи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод Денот на Царината на Република Македонија.

Значењето на Царинската управа, како суштински дел од институционалниот систем на нашата држава, посочува Спасовски, се огледува во фактот што во изминатите 29 години постоење на Царината, нејзините вработени, нејзиниот технички, кадровски, организационен потенцијал се етаблираа како кредибилна и есенцијална алка во доменот на сите оние законски надлежности на царинското работење.

– Притоа, преку континуираното нормативно и структурно прилагодување и модернизирање со право може да се извлече заклучокот дека оваа институција денес претставува силен заштитник и партнер во економското функционирање на државата, како во фискалната, така и во другите економски сфери, вели Спасовски.

Истовремено, потенцира, особено од аспект на работата на МВР низ сите овие години наназад, Царината се докажала како исклучително битен партнер и фактор во делот намалување на ризиците од закани и контрола и спречување на недозволената трговија со дрога, оружје, со акцизни и други стоки, односно, генерално со сѐ она што е нотирано во постоечката законска регулатива како незаконито, а е во интерес на заштитата и безбедноста на граѓаните и на нашата држава.

Спасовски изразува верување дека и во годините пред нас, Царинската управа ќе продолжи со истата динамика на развој на структурно, кадровско, нормативно сообразување на своето функционирање, преку поедноставување, стандардизирање и хармонизирање на граничните постапки, во контекст на потребите на општеството и барањата што произлегуваат од сите регионални и меѓународни трендови на развој во царинското работење.

Честитајќи им го речиси тридецениското постоење, министерот Спасовски на цариниците им посака успеси во сите нивни тековни и идни професионални ангажмани и активности.

– Да продолжиме заеднички посветено да придонесуваме за одржлив и безбеден систем, за економски раст и развој и подобрување на животот на нашите граѓаните, порача по овој повод министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Во свое и во име на вработените во МВР ви го честитам Денот на Царината, имајќи во преден план дека царинските работници...

Posted by Oliver Spasovski on Среда, 14 април 2021