Свет
12. March 2016 - 9:54

Чешкиот министер за финансии треба да објасни дали е поврзан со компанија која примала европски дотации

Чешките социјалдемократи (ЧССД), од министерот за финансии Андреј Бабиш, предложен од нивните коалициони партнери во Владата, побараа до среда да излезе и да го објасни случајот со користење на европски дотации на рекреативен центар, кој е дел од неговата компанија. 

Доколку тоа не се случи, тие ќе го поддржат предлогот на опозицијата да се разговара за тоа на вонредна седница на Собранието, јави дописникот на МИА од Прага.

За компанијата која го води рекреативниот центар ,,Гнездото на штркот", кој однадвор изгледа како вистинско огромно гнездо направено од прачки, во јавноста беше објавено дека е казнета со огромна парична казна, (подоцна намалена) за неправилно користење на европските дотации.

Министерот Бабиш прво изјави дека тој нема никаква врска со овој центар, а подоцна призна дека е дел од неговата компанија ,,Агроферт" правдајќи дека погрешно се изразил. Истовремено негираше дека има неправилности при користењето на европските средства.

Компанијата ,,Гнездото на штркот" била дел од концернот ,,Агроферт" до 2008 година, по што била префрлена на анонимна мала фирма, според некои медиуми за да добие дотација од околу 2 милиони евра. Подоцна повторно е вратена во сопственост на Бабиш.

Медиумите коментираат дека целата акција била направена заради европските средства, бидејќи големите фирми не можат да добијат европска помош.

Случајот се комплицира и со информацијата дека ,,Гнездото на штркот" заради грешка во црпењето на средствата била казнета со 250.000 евра, но подоцна казната била поништена и биле платени, само симболично, 1.500 евра плус камата.

- Со оглед на тоа дека министерот Бабиш за Чешка е одговорен за користењето на европските структурни фондови, за Владата тоа е голем репутациски проблем, не само за домашната туку и за странската јавност, рече претседателот на опозициската ТОП 09, Мирослав Калоусек, објаснувајќи зошто е потребна собраниска седница.

Опозициската Граѓанска демократска партија (ОДС) побара да се изјасни и премиерот Бохуслав Соботка, заради неговите заложби ,,секогаш да се применува презумпцијата на вина за политичарите, кои кога за нешто се сомничат треба и да ја напуштат функцијата".