Свет
9. March 2016 - 9:15

Чавез го врати златото, а сега тоа плови за Швајцарија

Венецуела кон средината на јануари испорача злати шипки во вредност 1,3 милијарди долари во Швајцарија, покажуваат швјцарските царински податоци. 

Златото е отпремено непосредно пред да стигнат за наплата два големи долгови со вкупна вредност од 2,3 милијарди долари. Венецуела чека и исплата на 1,5 милијарди долари долг за државните обврзници.

На Венецуела почнуваат да и недостигаат пари и многу експерти веруваат дека се големи шансите земјата до на есен да банкротира поради тоа што нема да може да исполни многу должнички обврски.

- Не е во прашање дали Венецуела ќе банкротира, туку кога. Немаат ни опции, изјави Рас Дален, партнер во „Латинвест“, компанија која инвестира во Латинска Америка.

Поради тоа земјата ги користи златните резерви за да може да ги отплати долговите. Причината зошто тоа патува дури до Швајцарија може да биде двојна, сметаат експертите.

Прво, таа европска земја е најголемо пристаниште за транзит на злато и на нејзиниот жиг кој ја потврдува чистотата на златото најмногу се верува.

Второ, Венецуела не може златото да го употреби како колатерала во замена за кредитите на банките во трансакција позната како „златен свап‟.

Ројтерс во февруари јави дека „Дојче банк“ и Венецуела договараат „златен свап‟, но дека германската банка одбила тоа да го коментира, додека Централната банка на Венецуела не одговорила на тоа прашање.

Пратка од таков вид е прилично невообичаена. Со златото многу се тргува, но земјите обично го чуваат на места кои се предвидени за тоа, како што е трезорот на Управата на федералните резерви во Њујорк.

Кога се тргува, златото обично оди од еден до друг трезор. Но, последниот венецуелски претседател Уго Чавез, ги врати златните шипки во земјата во 2011 и 2012 година, како чин на патриотизам. Соочена со економска криза и долгови, Венецуела сега го враќа своето злато во Европа.

Венецуела соопшти дека нејзините вкупни девизни резерви во ноември паднале на 14,5 милијарди долари, што е најниско ниво од 2003 година. Од тој износ, 10,9 милијарди долари е во злато. Земјата има и други резерви, како дијаманти и сребро.