Бизнис
25. October 2016 - 17:00

Целосна поддршка за инфраструктурно поврзување, бараат бизнисмените од Македонија и Бугарија

Бизнисот да добие целосна поддршка од државата и логистика при изготвувањето на тендерските документации за европските проекти, побараа денеска претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора Зоре Темелковски и бизнисменот и кандидат за претседател на претстојните избори во Бугарија Веселин Марешки.

Темелковски и Марешки ја повторија заедничката заложба на стопанствата од двете земји за  изградба на патишта, железници и инфраструктура што е, рекоа, основа за интензивирање на деловната соработка и трговската размена.

Како што нагласи Темелковски, не може се уште, и во 21. век, да се патува од Скопје до Софија и обратно по калдрма, за најмалку четири часа. 

- Инвестиции има од двете страни, но бизнисот не е доволно помогнат за нивно проширување во поголеми размери што би било од полза за сите, нагласи Марешки.

Според него, Македонија и Бугарија се два братски народа меѓу кои нема никакви пречки. - Наместо да ги истакнуваме разликите и тие да бидат посилни, треба да ги апострофираме  и ползуваме сличностите, потенцира Марешки кој во својство на кандидат за претседател на Бугарија, посебно се осврна на поддршката на македонските евроинтеграции.

Како политичар, истакна, ќе се залага за што побрз прием на Македонија во ЕУ и НАТО, но и за надминување на прашањето со името.

- Веднаш ќе ги поканам македонските и грчките колеги на заедничка средба, уште повеќе и зашто Бугарија идната година ќе биде претседавач со Европскиот совет, за да се надминат недоразбирањата меѓу двете земји, процесот да заврши и Македонија да влезе каде што и е местото, во Европската унија, рече Марешки, укажувајќи уште еднаш на неопходноста од максимално брз прием на Македонија во ЕУ и  НАТО каде што, додаде, и е местото.

Како блиска држава, Бугарија, дополни Марешки, треба да преземе максимални напори за Грција да не ја оспорува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. 

- Географски, Македонија и Бугарија се во Европа и нивното место е таму. Нема да заборавам дека доаѓам од бизнисот и, како политичар, ќе се залагам за поголема економска соработка, како и за полноправно членство на Македонија во ЕУ што е од интерес за цела Европа, напомена бугарскиот бизнисмен.

Тој потсети дека Бугарија меѓу првите ја призна уставноста на Македонија, а моментно, информира, во неговата земја има повеќе од 500.000 Македонци и многу студенти. 

Во организација на Македонско-бугарската стопанска комора, Марешки одржа и предавање на тема „Македонско-бугарската економска соработка - клуч за регионална стабилност и просперитет“.