Балкан
9. March 2018 - 9:29

Цел Балкан воодушевен: Возач на градски автобус скршнал од редовната линија за да спаси болно дете

Возач на градски автобус во Сараево покажал голема хуманост кога ѝ помогнал на жена која со болно дете во рацете стоела покрај патот, пренесуваат регионалните медиуми. Имено, Един Бечиревиќ без никакво дополнително размислување ѝ притекнал во помош на жената со тешко болно дете и со автобусот кој редовно сообраќал ги однел право во болница.

Возачот возел на линијата од Рајловац до Железничката станица кога на патот ги забележал жената и детето, видно вознемирени и исплашени. На прашањето дали ѝ е потребна помош, таа одговорила дека чека еден од роднините за да го однесат детето во болница, но тој не се појавил.

Со оглед на тоа дека детето било сериозно болно и итно му била потребна медицинска помош, Един повикал возило на брзата помош, но оттаму му рекле дека моментно немаат возила на располагање. Без многу размислување, откако ја информирал диспечерската служба на градскиот превоз, Един го прекинал возењето по редовната линија и ги пренел мајката и детето до најблиската болница.

Постапката на возачот енергично ја поддржале и патниците кои во тој момент биле во автобусот, коментирајќи како тоа треба да биде пример за слични ситуации во иднина