Македонија
17. September 2021 - 16:35

Царовска уверува дека состојбата во училиштата е стабилна

Во една општина имало минимално пречекорување на протоколите за настава, а Државниот санитарен и здравствен синдикат досега посетил околу 60 отсто од училиштата. Министерката Царовска сепак не сакаше да ја открие општината во која се забележани непочитувања на протоколите. Од ДЗСИ велат дека пресекот за состојбата во училиштата го прават на неделно ниво и деталите од овие податоци ќе ги соопштат в понеделник

Посочување на училишта, општини, наставници, деца оди директно во спротивност со сите оние принципи на заштита на личните податоци, можна е и дискриминација, вели Царовска.

Царовска уверува дека состојбата во училиштата е стабилна. И денеска наместо апсолутни бројки, медиумите добија само проценти. Вчера регистрирани биле 0,01 процент или околу 25 позитивни ученици. Министерката вели дека се уште не е надминат процентот од 0,2 отсто на вкупен број заразени од почетокот на годината, што е околу 500 ученици. Меѓутоа, според податоците од Институтот за јавно здравје, од први до 14-ти септември регистрирани се околу 750 заразени деца на школска возраст.

-Доколку Комисијата за заразни болести заради различни аспекти, или националната состојба со пандемијата предложи друг систем, ние сме спремни да го примениме. Но, посочувам дека е многу значајно училиштата последни да се затворат и први да се отворат. Ова не е само паушална изјава која ја посочувам како министерка, туку тоа е став на меѓународните организации коишто се грижат за квалитетот на образование во сите држави во развој, вели Царовска.

Министерот Филипче, пак, вели дека анализите ќе покажат дали е потребна промена на моделот на настава.

Во меѓувреме, Србија воведува комбиниран одел на настава во седмо и осмо одделение во неколку општини.