Македонија
3. јуни 2020 - 14:27

Царовска: Инспекторите во зајакнати контроли, работниците и компаниите да ги почитуваат протоколите

Владата вложува максимални напори да направи баланс во заштитата на работниците и функционирањето на компаниите, истакна денеска вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска на „Zoom“ состанокот со преставници на граѓанските организации Гласен текстилец, Хелсиншки комитет, ФООМ и други организации, како и со претседателката на Инспекциски совет и со директорите на трудов и пазарен инспекторат.

Таа апелираше на засилено присуство на инспекторите на терен во насока на утврдување на почитувањето на мерките и протоколите во угостителските компании, транспортот на работниците и во производствените погони.

На состанокот, како што соопштија од Кабинетот на вицепремиерката, се дискутирало за спроведувањето на мерките и препораките на Владата во делот на заштита на работничките права, за инспекциските надзори, почитувањето на протоколите од страна на работниците и компаниите особено во Штип и Тетово каде што има појава на кластери во неколку правни субјекти.

Состанокот бил искористен граѓанските организации да дадат свои предлози што ќе помогнат во носењето нови мерки за полесно справување со здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19.

– Редовните состаноци со граѓанските организации и раководството на инспекторатите овозможува навремена и брза размена на информации, како и можност за координирано постапување на терен на инспекциските служби, истакна Царовска.