Бизнис
14. April 2016 - 20:09

Царината лани собрала над милијарда евра приходи, што е раст од 6,6% во однос на 2014

Над милијарда евра приходи остварила Царината лани, што е е за 6,6 отсто повеќе во однос на 2014. Од Царинската управа информираат дека за речиси 2 отсто е надминат  планираниот износ. Резултатот се  должи пред се на зголемената наплата на акцизи која лани е зголемена за 15,4 отсто. Како едно од најголемите достигнувања, од Царината го посочуваат приклучувањето кон транзитниот систем на ЕУ, со што значително се поедноставуваат процедурите за движење на стоката во земјите членки.                                                                                                                                                                                                                                                                                                          

Радеска посочи дека во Дуинг бизнис извештајот кај индикаторот Услови за прекугранично тргување , земјава е рангирана на  26то место во конкуренција со 189 земји во светот. Ова е скок за 101 место во однос на 2007. Според државниот секретар во Министерството за финансии во последниве 9 години царините се неколкукратно намалени, со што значително е зголемена конкурентноста на фирмите.

- Ефективната царинска стапка во моментов изнесува 1,75 проценти, што е една од најниските во регионот. Преку укинување и намалување на царинските стапки за суровини и репроматеријали обезбедена е поддршка за земјоделското производство, за прехранбената и кондиторската индустрија, за индустриското производство и за транспортниот сектор. Денес фирмите плаќаат 40 проценти пониски царини споредено со 2006 година, додека врз основа на укинати и намалени царински такси и надоместоци дополнително остваруваат заштеди во износ од над 10 милиони евра годишно, рече Димитров.

Надлежните информираа дека наскоро ќе се објават и тендерите за надградба на граничните премини Табановце и Ќафасан. Градежните работи треба да почнат во третиот квартал годинава.