Македонија
7. March 2024 - 16:37

Бугарското МНР реагира на изјавите на Пендаровски - Амбасадорот повикан на разговор

Македонските политичари даваат лажни изјави за Бугарија – бугарското МНР се жали по изјавата на претседателот Пендаровски за македонското малцинство и бараат да престане како што велат вовлекувањето на Бугарија во внатрешно-политичка дебата во Македонија, во контекст на предизборие.

„Бугарија постојано поддржува конструктивен тон и се воздржува од коментари на постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на општествено спокојство за да може да се реализираат неопходните реформи. За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не наидуваат на разбирање и не се ценат од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како оправдување за недостигот од напредок пред своите граѓани“, се вели во соопштението.

На разговор бил повикан и македонскиот амбасадор во Софија, откако бугарски европратеник побара реакција од бугарските власти.  

Пендаровски во тема на денот на Сител порача дека македонското малцинство во Бугарија во последните 70-80 години е малтретирано и преживувало вистинска голгота.

Од кабинетот на претседателот велат дека изјавата е поткрепена со факти потврдени и од судот во Стразбур.

Потребна е конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања, со оглед на тоа дека и нашата држава претендира да биде дел од Европската Унија каде што заедно со соседна Бугарија ќе биде упатена на уште поголема соработка. Во однос на коментарите кои се однесуваат за постоење на македонско малцинство во Бугарија, се работи за факт кој е потврден и со одлуките на судот во Стразбур., велат од кабинетот на Пендаровски.

Од македонското МНР засега нема реакција за однесувањето на официјална Софија, а не се спроделуваат ниту детали што и било кажано на македонската амбасадорка.