Македонија
18. August 2022 - 16:36

Бугарското МНР ги поздрави препораките на историската комисија

Бугарското министерство за надворешни работи ја охрабри работата на историската Комисија, откако беа објавени препораките за заедничко чествување на пет личности и ревизијата на учебниците. Заменик министерот Костадин Коџабашев задоволен од сработеното, вели дека се создала основа за имплементација на календарот за точките од протоколот.

Изјава Костадин Коџабашев - заменик министер за надворешни работи на Бугарија

-Објавувањето на предлозите од 2019 година, одобрени од владите на двете земји, е многу важен чекор кон запознавање на јавноста и во Бугарија и во Република Северна Македонија со резултатите од работата на заедничката комисија. Така, според нас, се создава потребната основа за да се продолжи со практично спроведување на уште еден многу важен договор од протоколот, а тоа е – координација на календар на заеднички прослави за периодот 2022 – 2023 година за петте заеднички историски личности. МНР ја охрабрува комисијата да продолжи уште поинтензивно во напорите за што побрзо завршување на работата по сите периоди од заедничката историја, велат од бугарското МНР.

Бугарската влада засега не најавува кога ќе биде свикана седница за да бидат утврдени препораките на Комисијата. Сител и официјално побара став од Софија дали и кога прерпораките ќе се најдат министрите, откако вицепремиерот Бојан Маричиќ најави дека очекува и Софија да одговори соодветно на препораките онака како што е договорено со Протоколот. Засега нема никаков одговор.

По бројните реакции во јавноста откако беа објавени усвоените препораки , од македонската комисија преку соопштение реагираат дека сите изнесени ставови од експертската јавност биле лаги и манипулации со цел да се шири страв и да се лаже македонската јавност.

Македонците ќе продолжат да ги слават и чествуваат овие личности како дел од македонската историја, култура и традиција, а евентуалното заедничкото чествување при јубилеи, годишнини и соодветни поводи може да претставува само начин да се покаже дека овие личности имаат универзален карактер. Ниту на едно место не се сугерира тоа што упорно некој сака да го прикаже. Ниту една од препораките не сугерира дека Македонците немаат право да ги слават самостојно своите национални и историски вредности и никој не ги „демакедонизира“, како што се манипулира, затоа што целосно легитимно е во националните политики на сеќавања, сето наследство од овие личности да се слави како национално наследство. 

Македонскиот тим им замери и на колегите од бугарскиот тим за како што велат нивното ликување и славење победа – Несериозно било да се претставува лажен триумфализам кој само пречи на работата на Комисијата и на добрите односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ.