Македонија
22. January 2022 - 16:37

Бугарите во Македонија сметаат дека нивното впишување во Уставот не е добро решение

Промената на македонскиот Устав и вметнувањето на бугарите во него во моментов не е решение за спорот помеѓу двете држави, смета претседателот на бугарскиот културен клуб Лазар Младенов.

Според него овие барања доаѓат од истите центри кои ги поттикнуваат и финансираат барањата за признавање на македонското малцинство во Бугарија со цел тоа да стане предмет на трговија и тензии меѓу двете држави. Впишувањето на Бугарите во уставот ќе значи откажување од заедничката историја, а со тоа ќе се направи и поголема разлика која ќе доведе до нови поделби,  смета Младенов.

„Впишувањето на Бугарите во уставот без да се наведе дека имае иста историја е на некој начин отказ од заедничката историја. Ние опстојуваме на тоа што е запишано во договорот дека заедничката историја не поврзува нас двете држави народите што живеат во двете држави. Нема разлика меѓу мене и некој од моите блиски или подалечни роднини кои себе се сметаат за македонци и тоа треба да се објасни во преамбулата.,, вели Лазар Младенов - претседател на Бугарски културен клуб. 

Според Младенов во овој момент најважно е да продолжат разговорите и да се интензивираат контактите. Преку нив очекува да дојде и како што вели до објективизација на историјата и ревидирање на учебниците за кои смета дека е неминовно да се променат.

„Јас сум активен од 1991 година и знам како беше тогаш и како се сега. На времето во Македонија не смееше да збориме по овие теми. Еве сега слободно зборуваме и правиме интервјуа за македонските медиуми. Значи времето е лек за се. Преку разговори двете страни ќе кажат кои се позициите и ќе се бара решение за спорните точки. Меѓутоа до објективизација на историјата да се дојде , учебниците мора да се пипнат , не може да остане така“ вели Младенов.

Од Бугарскиот културен клуб позитивно ја оценуваат посетата на новиот премиер на Република Бугарија и се надеваат дека тоа е позитивен сигнал за подобрување на односите помеѓу двете држави.