Македонија
23. August 2020 - 8:43

Бројот на заболени од Ковид-19 надмина 13.000, најмногу активни се уште во Скопје

Нови 159 заболени од Ковид-19 од направени 1.733 тестирања се регистрирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство со што вкупниот број дијагностицирани се искачи на 13.458. Најмногу активни случаи и натаму има во Скопје, главно во Општина Чаир, каде има дури 114 активни случаи.

Вкупниот број оздравени пациенти од почетокот на епидемијата изнесува 10.052, а на починати 563. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2843.

Од 159-те нови случаи на Ковид-19 во Скопје се 32, Куманово 25, Штип 8, Прилеп 7, Тетово 9, Струга 15, Велес 2, Охрид 4, Кавадарци 5, Гостивар 22, Гевгелија 5, Берово 9, Делчево 4, Кичево 3, по еден во Дебар, Струмица, Радовиш, Пехчево и Битола, и по двајца во Кочани и Виница.

Институтот за јавно здравје вчера регистрираше 75 оздравени пациенти и тоа од Скопје 27, Дебар 3, Штип 8, Битола 4, Гостивар 9, Кичево 13, по двајца од Велес и Неготино, и по еден од Куманово, Прилеп, Тетово, Крушево, Кочани, Македонски Брод и Виница.

Според податоците на Министерството за здравство, во вчерашниот извештај се регистрирани шест починати лица.
Четворица од нив се пациенти од Скопје на возраст од 77, 80, 85 и 86 години. Еден пациент е од Гостивар на 61 година, и еден од Штип на 76 години.

Пет од нив се починати во болнички, а еден вон болнички услови.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се шест пациенти. Вкупно се хоспитализирани 67 пациенти. На кислородна поддршка се 31 пациент, нема на механичка вентилација.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 13 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, пет деца позитивни, две мајки и две деца суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се 11 нови, вкупно хоспитализирани се 65 пациенти. На респираторна машина се 5 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 11, а во болницата во Штип 33 пациенти.

На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 93 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.

Како што се наведува во соопштението на Министерството за здравство, најмногу активни случаи има во Скопје, поточно во општините Чаир со 114 активни случаи, потоа следува Гази Баба со 100, Аеродром 99, Карпош 92, Центар  81, Кисела Вода 84, Ѓорче Петров 63, Бутел 61, Шуто Оризари 36, Студеничани 19, Сарај 20 и Арачиново 15.