Македонија
31. January 2021 - 8:26

Британскиот сој на коронавирус досега детектиран кај тројца пациенти во земјава

Нови 325 случаи на КОВИД-19 од направени 2.589 тестирања беа евидентирани во вчерашниот билтен на Министерството за здравство. Починаа седум лица, сите во болнички услови, а оздравени се 479 пациенти. 

Вкупниот број на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 92.518, бројот на оздравени пациенти е 81.316, на починати е 2.848, а бројот на активни случаи изнесува 8.354. Досега во земјата се направени вкупно 454.608 тестирања на КОВИД -19. 

Од новите позитивни на КОВИД-19, најмногу има во Скопје – 151, Тетово – 27,  Кавадарци – 17,  Охрид – 16,  Велес – 14, Куманово – 13, Делчево – 11,  Битола и Струга по девет случаи, Гевгелија – осум… Од вкупно 479 оздравени пациенти, во Скопје се 358, Охрид – 46, Струга – 13, Струмица и Прилеп по 11, Кавадарци – девет… Од починатите седум лица, двајца пациенти се од Скопје (89 и 79г), двајца од Охрид (80 и 89г) и по еден од Гостивар (62г), Струга (85г) и Пробиштип (70г). Сите седум пациенти се починати во болнички услови.

Според досега завршените епидемиолошки анализи, во Скопје активни се 4.449 случаи, Охрид  – 367, Куманово -365, во Кавадарци активни се 327, Тетово – 315, Велес – 269, Струмица – 258, Гостивар – 206…

Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 611 и има околу 530 празни болнички кревети во ковид-центрите. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, соопшти вчера Министерството за здравство.

Британскиот сој на коронавирусот е детектиран уште кај двајца пациенти во земјава. Пациентот што починал имал коморбидитет, а другиот пациент од 26 јануари се води како оздравен. Како што објавија дел од медиумите, починатиот е 46-годишен маж, кој имал претходни хронични заболувања. Позитивен тест на КОВИД-19 добил на 4 јануари, а починал на 8 јануари 2021 година.

Досега кај тројца пациенти во земјава е детектиран британскиот сој на коронавирусот. Надлежните здравствени власти на 27 јануари 2021 година објавија за првиот пациент заразен со британскиот сој на коронавирусот во земјава, кој веќе е оздравен. Вирусот беше детектиран во приватната лабораторија на клиниката „Жан Митрев“ во Скопје, при анализа на примероци од јануари.