Бразил: Пратениците не најдоа докази дека претседателката Русеф е вмешана во корупција
Бразилска парламентарна комисија, која паралелно со полицијата ја истражуваше корупцијата во државната нафтена компанија „Петробраз“, не откри докази дека во оваа афера се вмешани претседателката Дилма Русеф или нејзиниот претходник Луис Инасиу Лула да Силва.
Овој заклучок се најде во извештајот на комисијата, што денеска беше претставен пред бразилската јавност, информира ТАСС.
Сведоците во истрагата не ги споменуваат поранешните први луѓе на „Петробраз“, државни советници или претседателката Русеф како учесници во криминалната шема. Во материјалите на комисијата недостигаат докази дека во аферата се замешани Дилма Русеф или Лула да Силва, се наведува во документот на парламентарците.
Корупцискиот скандал околу „Петробраз“ со месеци наназад е во центарот на вниманието во Бразил. Федералната полиција, која ја истражува големата афера, тврди дека учесниците во криминалните финансиски шеми присвоиле приближно милијарда долари.
Од минатата година во истражен притвор лежат неколкумина високи државни функционери, кои соработуваат со истрагата и даваат докази против луѓе од бизнис елитата и политичкиот врв. Според последните податоци, во предметот фигурираат имињата на 62 политичари, меѓу кои има поранешни и сегашни парламентарци, партиски лидери и гувернери.
Претседателот на Долниот дом на бразилскиот Парламент, Едуардо Куња вчера ќе ја обжали одлуката на Врховниот суд, со која активностите насочени кон почнување на процедурата за импичмент на претседателката Русеф се оценеѕи како незаконски. Русеф од опозицијата беше обвинета дека ги преправала финансиските извештаи во текот на изборната 2014 година.
Пред три дена бразилската федерална полиција почна претходна истрага за кампањата на Русеф при минатогодишниот реизбор за шеф на државата. Целта на истрагата е да се утврди дали Русеф и нејзиниот заменик Мишел Темер ја злоупотребиле својата службена положба додека биле на власт и раководеле со кампањата и дали нејзиното финансирање било законско.
Во меѓувреме, и самиот претседател на бразилскиот Парламент може да ја загуби својата функција, забележува ТАСС. Минатата недела обвинителството го обвини Едуардо Куња за даночна измама вредна 15,5 милиони долари како дел од големиот корупциски скандал во „Петробраз“ и ги блокира неговите банкарски сметки. Опозициските пратеници го обвинија дека ја нарушува парламентарната етика.
Ново на Сител
-
Падна кран во Битола
-
ОЈО бара Арсовска да им презентира докази
-
Македонски тим од неврохирурзи и невролози добитници на 2-ра награда на Меѓународниот конгрес по невронаука | ФОТО
-
Приведен 42-годишник од Тетово, управувал со возило под дејство на алкохол
-
„Велт ем Зонтаг“: Бројот на натурализации во Германија достигна нов рекорд - речиси 250.000 во 2024 година
-
Јаневска: Модернизација на студиските програми и повеќе пракса во компании ќе ги задржи студентите на нашите универзитети
-
Џефри Сакс: „Четворицата мускетари“ нема да обезбедат воена победа за Украина
-
За околу два часа распродадени картите за концертот на Металика во Атина