Македонија
13. December 2023 - 10:18

Бочварски – Радуловиќ: Размената на искуства е многу значајна за побрза интеграција на регионот

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски оствари билатерална средба со Филип Радуловиќ, министер за сообраќај и пловидба на Црна Гора, на која ја потврдија добрата соработка помеѓу Северна Македонија и Црна Гора и ја потенцираа важноста на заедничките заложби за побрза европска интеграција на регионот, соопшти Министерството за транспорт и врски.

На средбата помеѓу двајцата министри, која се реализира во рамките на Министерскиот совет, што деновиве се одржува во Скопје, Бочварски и Радуловиќ, исто така, разговарале за инфраструктурните проекти кои се реализираат на европските коридори и за можноста за поврзување со авионска линија.

-Разменивме искуства за процесите на подобрување на транспортот во регионот, а особено за продлабочување на меѓусебната соработка, поконкретно во делот на туризмот и патничкиот транспорт. Ја отворивме темата за можно поврзување на двете земји, истакна министерот Бочварски.

Тој вели дека разговарале и за инфраструктурните проекти во делот на патната мрежа, бидејќи, како што рече и Северна Македонија и Црна Гора во овој период се исклучително посветени на модернизација на патната инфраструктура и подобрување на условите за патување на граѓаните на двете земји.