Македонија
4. October 2022 - 12:33

Бизнис секторот во Прилеп стипендира 30 бруцоши

На Економскиот факултет во Прилеп се одржа првиот академски час за 62 генерација студенти кои можеа да избираат помеѓу една од 6 реакредитирани студиски програми како: Е-бизнис, меѓународен бизнис, сметководство и финансии, банкарство и финансии, маркетинг и менаџмент. Годинава 30 бруцоши добија стипендии од бизнис секторот. Стипендиите беа поделени за надојбро рангирани студенти и социјално ранливи категории.

„Бенефитот е обостран, и за компаниите и за Економскиот факултет. Ова е втор пат да се доделуваат стипендии на Економскиот факултет во Прилеп. Соработката се реализира на различни начини, преку стручни предавања на претставниците на бизнис заедницата и на тој начин студентите стекнуваат емпириски знаења и вештини, а од друга страна факултетот организира обуки според потребите на бизнис заедницата. Исто така учествуваме заеднички во реализацијата на научно истражувачки проекти“, истакна проф. Д-р Драгица Оџаклиеска, декан на Економски факултет Прилеп.

Компаниите велат дека оваа соработка ќе продолжи и со можност за пракса на студентите кај нив, а потоа и можност за нивно вработување.

„Соработката не е само во давањето на стипендии, туку и во понатамошниот континуиран развој и учење, така да ние овозможуваме и пракса за студентите, каде ќе се стекнат со основи на банкарско работење, како и можности за вработување и нели да си ја изградат својата кариера во рамките на нашата корпорација“, додаде Билјана Санев, директор на дирекција за човечки ресурси во една македонска банка.

„Доделувањето на овие стипендии е битно за секоја компанија бидејќи од економскиот факултет секогаш произлегуваат добри кадри, кои подоцна во секој случај сепак треба да работат во овие прилепски компании, а добар економист им треба на секоја фирма. Исто така имаме потпишано и меѓународен меморандум за соработка, меморандум за соработка со Економскиот факултет исто така и секоја година имаме традиција да им дадеме шанса за платена пракса, но исто така од нив да произлезат и вработени“, рече Филип Велески, директор на текстилна компанија.

„Нашата соработка е многу специфична и иновативна, тука соработуваме и со студентското собрание, како и со брендот „Граден економист и оптимист“. Им посакувам да имаат што повеќе вакви соработници, бидејќи само на ваков начин може да се придонесе и да им се помогне на студентите“, изјави Бујар Драла, друштво за финансии.

Годинава сметководство и ревизија и маркетинг се програмите за кои има најголем интерес за упис на Економскиот факултет, а годинава се запишани околу 100 бруцоши.