Бизнис
10. October 2018 - 20:01

Бизнис секторот бара повеќе кредити и квалификувани работници

Не е доволно само финанска помош од државата за раздвижување на економијата, велат стопанствениците. Тие имаат потреба од полесен пристап до финансии и стручен кадар. Според нив, инвестирањето во нови технологии и квалитетни кадри се клучни за повисоко ниво на конкурентност, што придонесува и за зголемување на извозот.

“За да се одржува квалитетно ниво на конкурентност, тоа подразбира дека во континуитет сте приморани да инвестирате во нови технологии, нови знаења, нови обуки на вработените. За да инвестирате, прва појдовна точка се финансиите. За квалитетни финансии банкарскиот сектор треба да покаже далеку поголем слух за оваа работа. Тука во еден дел учествува и државата преку МБПР”, вели Трајан Ангелоски, член на Управен одбор на Сојузот на стопански комори.

Од Комората велат дека за да се поконкурентни на странските пазари, македонските компании имаат потреба од квалификувана работна сила. Бараат соработката меѓу факултетите и компаниите да се издигне на повисоко ниво, бидејќи како што велат, сега едвај функционира.

“Универзитетите произведуваат кадар сами за себе. Тие не се интересираат што се случува со тој кадар, дали се вработил или не. Никој од нив не доаѓа да воспостави отворена соработка со нас, со компаниите, да можеме заедно да воспоставиме еден систем и ние да ги пласираме нашите нарачки кај нив, каков кадар ни треба, а тие да ни го испорачаат вистинскиот кадар”, објаснува Ангелоски.

Стопанствениците сметаат дека државата не треба да се потпира само на елементарните сектори, како земјоделието или градежништвото, туку да се посвети и на индустријата, бидејќи индустријата секогаш продуцира далеку повисоки стапки на раст.