Македонија
26. јуни 2022 - 16:35

Битола – град со многу мал број згрижувачки семејства

Митра Ристевска од Битола е згрижувач веќе 15 години. Апелира до битолчани да помислат да згрижат дете, зашто ниедно дете не заслужува да остане без љубов.

-Искуството е како секоја мајка, го имаме и ние згрижувачите, го растеме, се радуваме, тагуваме. Згрижувач значи до пред да го земеш, кога ќе го земиш исто е како да го родиш. Дури и повеќе ќе го сакаш, затоа што знаеш дека на детето му треба помош и многу љубов, вели Митра Ристевска, згрижувач.

Бројот на згрижувачки семејства во Битола е многу мал. За да се доближи поблиску значењето и бенефитите на програмата за згрижување на деца, како и да се покрене свесноста за важноста на згрижување на деца, Центарот за поддршка на згрижувачки семејства СОС Детско село, започна кампања за промовирање на идејата за згрижување.

-Да се запознаеме со граѓаните, да им објаснеме што значи згрижувањето, со крајна цел да го зголемиме бројот на згрижувачки семејства во Битола кој засега е многу мал, изјави Јагода Насковска, Центар за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско Село.

-Во Битола моментално имаме 4 семејства, и се надеваме дека преку оваа кампања која е само почеток во нашите напори да се доближи идејата за згрижување, ќе се зголеми бројот на згрижувачки семејства и во Битола, вели Јасминка Кочанковска, центар за поддршка на згрижувачки семејства Битола.

И Центарот за социјални работи од Битола работи на зголемување на бројот на згрижувачки семејства.

- Досегашните згрижувачи се нашите херои во Битола, битолчани се познати по својата хуманост, а можат да ја изразат и на ваков начин, рече Лидија Ѓошевска, директор на ЦСР Битола.

Во државата има 350 згрижувачки семејства кои се грижат за 600 корисници.