Македонија
13. January 2024 - 16:34

Биолошка терапија на позитивната листа ќе им ја олесни ситуацијата на онколошките пациенти

Ако на позитивната листа има терапија за болните од рак, пациентите ќе се чувствуваат посигурни, тоа ќе им ја олесни ситуацијата во која се наоѓаат и нема да стравуваат дали ќе го добијат неопходниот лек, посочува Ана Марјановиќ која е онколошки пациент. Според неа, на овој начин се намалува и притисокот врз Клиниката и нема да се случуваат во иднина ситуации кои ги истражува и Обвинителството, да не се знае која терапија е набавена и за колку болни.

- На пациентите им се олеснува со самиот факт доколку знаеме дека на Клиниката за онкологија се случува да снемува терапија со самото тоа што можат да си ја набават терапијата од странство или овдека приватно за да ја примаат на тој 21-ви ден кога треба да ја примаат, терапијата потоа да им бидат рефундирани средствата. Што навистина многу помага на онколошките пациенти да ја добиваат терапијата на време, изјави Ана Марјановиќ, онколошки пациент.

Министерот за здравство признава дека најтешко одат преговорите токму за биолошката терапија, која треба исто така да биде дел од ревидираната позитивна листа. За ова прашање Меџити вчера разговарал и со претставници на Фондот и најавува дека до крајот на месецот граѓаните ќе добијат десетина современи лекови на товар на ФЗО.

- Не се проблематични тие што немаат фискални апликации, проблематично и малку покомплексно е со биолошката терапија за онколошките пациенти и ги гледаме сите начини, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Освен за онколошки, здравствените власти најавуваат нова терапија на позитивната листа и за кардиолошки и невролошки пациенти. Инаку ова листа не е променета речиси 15-години, а граѓаните современите лекови си ги плакаат од свој џеб.