Македонија
16. September 2018 - 9:17

Бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на гласачкото право

Народниот правобранител утре ќе отвори бесплатна телефонска линија 0800 54321, со цел да им помогне на граѓаните во остварувањето и заштитата на гласачкото право на слободно изразување на нивното мислење и став по однос на референдумското прашање.

Од Канцеларијата на народниот правобранител укажуваат на правото на непосредно изјаснување, и сметаат дека изјаснувањето на граѓаните и нивниот став по однос на ова референдумско прашање, е и нивна обврска и активен придонес за иднината на општеството.

Народниот правобранител, истовремено ги потсетува и апелира до сите чинители во општеството, да не ги попречуваат граѓаните во остварувањето на нивното загарантирано право на излегување и лично изјаснување, а ги охрабрува граѓаните секое евентуално влијание да го пријават.

Попречувањето на слободното излегување и изразување на своето мислење на референдумот, граѓаните можат и лично да го пријават во канцелариите на Народен правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, секој ден, како и на денот на референдумот.