Македонија
20. May 2022 - 16:31

Беснило во Македонија засега нема - превентивни фрлања мамки за вакцинирање на дивите животни

Иако веќе 10 години не е забележано кај ниту едно животно во Македонија, беснилото се уште е една од најопасните болести која од може да се пренесе и кај човекот.

-За жал нема лек против оваа болест и секогаш, односно во најголем дел од случаите завршува со смрт, вели Вања Конратенко, Раководител на сектор за здравствена заштита при АХВ.

Најголеми преносители се лисиците, а единствена превенција е фрлањето мамки во кои има вакцини. Болеста има две фази. Во првата фаза домашните животни стануваат плашливи и бегаат од луѓето, кај дивите, особено кај лисиците е обратно. Тие го губат стравот и почнуваат да им се приближуваат на луѓето.

-Тоа е првиот симптом кај лисицата, дека губи страв од човекот и се приближува до населби. Аплеирам, луѓето ако видат питома лисица да не и се приближуваат, вели Конратенко.

Втората фаза е всушност беснилото, и тука животните почнуваат да напаѓаат.

-Поради парализа на мускулите на грлото животните не можат да голтаат и затоа се лигават. Концентрацијата е најголема во лигата и така се пренесува болеста. Болеста завршува во агонија бидејќи се парализира централниот нервен систем, вели Конратенко.

Мамките содржат жив вирус, па доколку се сретнат во природа можат да предизвикаат непријатност.

-Во наредните денови да бидат исклучително внимателни при движењето во природа и доколку најдат вакви мамци да не ги допираат бидејќи тие можат да предизвикаат одредени проблеми по нивното здравје. Ако се случајно се случи таква работа тогаш одма да се јават кај матичен лекар за да евентуално се преземат други потребни активности, вели директорот на АХВ, Николче Бабовски.

Вакцинирањето на дивите животни го финансира Европската унија.

-Болестите не препознаваат граници. Вистината е дека болестите како беснилото може да се истребат само со координирани акции на земјите членки на ЕУ и нивните соседи зашто животните се движат каде сакаат. Оваа кампања ја поддржавме со околу 280.000 евра, вели Штефан Худолин, шеф на Секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ.

Секоја сезона се врши отстрел на лисици за да се провери дали мамките имале ефект. Од 2011 досега извршени се 15 кампања, а како што тврдат од АХВ, сите кампањи досега се покажале како успешни.

Последен пат кај човек во Македонија беснило е забележано во 1976 година во Дебар.