Свет
13. August 2020 - 17:59

Белгија воведува пилот програма за брзо тестирање на Ковид-19 во домашни услови

Илјадници студенти од белгискиот Универзитет во Лијеж од септември секоја недела дома ќе собираат примерок од плунката за брз тест за Ковид-19, со што ќе бидат заменети најчесто користените брисеви. Тоа ќе биде еден од најголемите европски експериметни на новиот метод на тестирање.

Белгиските истражувачи и власти изјавија дека пилот програмата може да се примени и на другите универзитети, училиштата или компаниите ако се покаже успешна во брзото откривање на жариштата на инфекцијата помеѓу студентите.

Предвидено е околу 30.000 студенти и професори од Универзитетот во Лијеж да ги користат домашните тестови за самотестирање и да носат епрувети со примерок од плунката секоја недела во универзитетската лабораторија до декември. Предвидено е резултатите да ги добијат истиот ден.

Според претходно објавена студија на Белгиската агенција за лекови, тестовите на плунката во голема мера би можеле да го зголемат капацитетот на тестирање, а резултатите се добиваат побрзо отколку кај класичните тестови, но се помалку прецизни, бидејќи е поверојатно да биде откриен вирусот во носот или задниот дел на грлото, отколку во плунката.

Со назалните тестови вирусот на Ковид-19 се открива во 80 отсто од случаите, додека процентот при тесовите со плунка изнесува 60.