Бизнис
18. July 2017 - 9:31

Бектеши на инвестициски форум „Кина-Централна и Источна Европа“ во Прага

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе учествува на инвестицискиот форум „Кина – Централна и Источна Европа“, кој се одржува во Прага.

Како што најави Министерството за економија, Бектеши ќе ги претстави можностите за соработка и инвестирање во Македонија на панел дискусијата за индустрија, енергија и нови технологии.

Учесниците на форумот, политички претставници, бизнисмени и инвеститори од Чешката Република, од НР Кина и од останатите земји од Централна и Источна Европа, ќе говорат за енергетиката, финансиите, индустријата, образованието, здравството, новите технологии, електронската трговија и туризмот.

Инвестицискиот форум е под покровителство на претседателот на Чешката Република Милош Земан и премиерот Бохуслав Соботка, а во организација на Чешко-кинеската комора за соработка и Економскиот центар за соработка во Кина.