Македонија
10. May 2022 - 15:21

Бектеши-Балуку: Енергетскoто и инфраструктурното поврзување на Северна Македонија и Албанија од големо регионално значење

Министерот за економија Крешник Бектеши во рамки на посетата на Тирана денеска одржа средба со албанската министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку. На средбата се дискутирало за заедничката реализација на проекти за инфраструктурното поврзување со Коридорот 8 и справувањето со енергетската криза.

Како што информира прес-службата на Бектеши, двајцата министри на состанокот потенцираа дека и во иднина Северна Македонија и Албанија ќе продолжат да соработуваат со цел реализација на проекти коишто ќе бидат во интерес на граѓаните на двете земји.

– Како две соседни земји ќе продолжиме да носиме мерки за справување и со енергетската криза, но и да реализираме проекти за наше поврзување и на енергетски план и на инфраструктурен план. Доказ за нашите цели и заложби се тоа што и двете Влади засилено работат на реализација на стратешки определби за поголемо регионално поврзување, истакна Бектеши на средбата со Балуку.

Во делот на соработка помеѓу двете земји, двајцата министри го потенцирале проектот за Интерконективно поврзување преку Изградба на интерконективен надземен вод од 400 kV Битола (MK) – Елбасан (AL) кој претставува последен дел од реализацијата на коридорот 8 (Исток – Запад) за пренос на електрична енергија меѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија.

Од прес-службата на министерот Бектеши додаваат дека двајцата министри се согласиле дека и во иднина преку заедничка соработка ќе продолжат да работат на реализација на заеднички проекти коишто ќе придонесат за раст и развој на двете земји.