Бизнис
5. December 2021 - 15:49

Бектеши: Ако има потреба ќе се прошири листата на производи со „замрзнати“ цени

Одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти ја донесовме со цел да нема поголемо влијание во делот на трошоците што граѓаните ги имаат, особено во време на енергетска криза, имајќи предвид дека цените на електричната енергија можат да влијаат директно и индиректно во зголемување на цените и на производството и на трговијата, било тоа да е трговија на мало или на големо, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши на денешната прес-конференција.

Бектеши вели дека со донесувањето на одлуката основните прехранбени продукти, лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата да се продаваат по цените што ги имале на 1 декември, не значи дека нема да се прошири одлуката и со другите производи.

– Се зависи од податоците што ќе ги добиеме наредната недела од Заводот за статистика, овие одлуки ги носиме само во интерес на граѓаните и во интерес на нивниот животен стандард, додава Бектеши.

Прашан зошто одлуката за замрзнувањето на цените не е донесена по примерот на Србија, министерот за економија посочи дека тоа зависи од многу параметри.

-Првично репроматеријалите на одредени домашни компании кои произведуваат сончогледово масло за јадење во нашата држава главно ги увезуваат. Во делот на увезената цена не можеме ние да влијаеме зошто тие производи се произведуваат надвор од државата. Ние можеме да влијаеме во делот на маржата што ја утврдува домашната компанија во формирање на конечната цена, појасни Бектеши.

Втор чекор, тој вели дека е трговијата на мало каде се пласираат одредени производи и како трета фаза е цената којашто граѓаните ја купуваат во маркетите, која е мала трговија во однос на маржите.

– Што се однесува до одредени продукти кои се произведуваат домашно, ние паралелно имаме други механизми преку Законот за директна поддршка на инвестициите, преку субвенционирање на одредени производи што веќе ги реализираме и имплементираме и во претходните години, а секако од почетокот на наредната година дополнително ќе ја зголемиме поддршката за вакви производи, кажа министерот.

Бектеши посочи дека Македонија во време на пандемија на коронавирусот била прва земја во Западен Балкан која донела вакви мерки, со цел да излезе во пресрет на граѓаните, потрошувачите и трговците, но и производителите.

Тој истакна дека на годишно ниво се трошат над 15 милиони евра директно од Буџетот за да се финансираат дополнителни проекти, нови технологии, креирање на нови производи на домашните компании.

– Претходната година кога носевме ваква одлука немаше негативни влијанија врз економијата генерално. Можеби имаше намалување на профитите на одредени сектори, но немаше луѓе што изгубија работни места, немаше компании што го намалија производството. Немаше трговци што го намалија обемот или приходите во претходната година. Ние внимаваме на сите овие параметри кога носиме вакви одлуки. Ние ја носевме одлуката врз основа на податоците што се објавуваат транспарентно, отворено од страна на ДЗС за месец октомври, вели Бектеши.

Министерот за економија порача дека во време на пандемија и енергетска криза, потребна е солидарност и намалување на маржите во производство и трговија и оти државата, согласно капацитетите ќе излезе во пресрет на сите чинители во економијата.

Најави дека следната недела се очекуваат податоците за месец ноември и ако е потребно дополнително ќе се прошири листата на производи за кои ќе се носи одлука за замрзнување на цените.

Владата на Република Македонија на 4 декември 2021 година донесе одлука да се замрзнат цените на основните прехранбени производи до 31 јануари 2021 година. Од Владата најавија дека ако има потреба таа одлука ќе биде продолжена.