Македонија
27. October 2015 - 10:06

Бекенбауер:„Мувавме“ ама не купувавме гласови

Легендарниот Франц Бекенбауер потврдил дека имало грешки во кандидатурата на Германија за домаќин на Светското првенство во 2006 година, но негира дека биле купувани гласови.
 
Бекенбауер, по обвинувањата дека Германија купувала гласови за да ја добие организацијата на СП во 2006 година се огласи со соопштение, во кое ја презема одговорноста за исплатата кон ФИФА, која била извршена во замена за Организациониот одбор за кандидатурата на Германија да добие финансиски субвенции.
 
„За да ја добиеме финансиската субвенција на ФИФА се согласивме со предлогот на финансиската комисија на организацијата, кој, гледано од денешна перспектива требаше да го одбиеме. Како тогашен претседател на Организациониот одбор јас ја преземам одговорноста“, се наведува во соопштението.
 
Германскиот неделник „Шпигл“, минатата недела објави дека Организациониот одбор имал основано ’црн фонд’ од 10,3 милиони швајцарски франци, а дека сумата ја обезбедил поранешниот директор на Адидас Роберт Луис-Драјфус.
 
Според истиот извор, парите биле исплатени пред ФИФА да ја донесе одлуката кој ќе биде домаќин на Мундијалот во 2006 година, а со цел да се обезбедат гласовите на четворицата делегати од Азија од вкупно 24-цата членови на Извршниот комитет на ФИФА.
 
ФИФА на 6.јули 2000 година и ја додели организацијата на СП на Германија. Азиските делегати гласале за германската кандидатура, која со 12:11 тогаш ја победи кандидатурата на Јужна Африка, откако Чарлс Демпси од Нов Зеланд се воздржал од гласањето.
 
Организациониот комитет на Германија тогаш го предводеше Бекенбауер, а во неговата работа бил вклучен и претседателот на Германскиот фудбалски сојуз, Волфган Нисбах.
 
Според „Шпигл“, двајцата знаеле дека постои ’црниот фонд’, кој го обебзбедил Луис-Драјфус.
 
Неделникот наведува дека 18 месеци пред почетокот на СП, Луис-Драјфус си ги побарал парите, чија вредност тогаш била 6,7 милиони евра, а дека Бекенбауер и Нисбах „започнале да бараат начин како неупадливо да ги вратат парите“. Според неделникот ФИФА помогнала да се прикрие трагата на парите бидејќи сумата од 6,7 милиони евра била префрлена во светската куќа на фудбалот како придонес за свеченоста за отворањето на Мундијалот, која подоцна била откажана.
 
„Парите се уплатени на сметката на ФИФА во Женева. Потоа ФИФА веднаш тие пари ги префрлила на сметката на Луис-Драјфус“, објави „Шпигл“.