Македонија
19. јуни 2024 - 16:37

Бебе починало ден по раѓањето во битолската болница

Живородено бебе починало во битолската клиничка болница еден ден по раѓањето. Семејството обвинува за лекарска негрижа и бара одговори, од болницата тврдат дека родилката имала неконтролирана бременост, а гинекологот кој ја водел вели дека жената доаѓала на редовни прегледи.

Таткото Драгољуб Китески од Ресен во телефонски разговор за Сител објаснува дека неговата сопруга во петокот околу пладне била породена со царски рез и според неговите информации добиле здраво машко дете тешко 3620 грама долго 50 сантиметри. Уште претходно се договориле да се вика Лука. Мајката била префрлена на Интензивна, а нему не му дозволиле да го види и не добил никакви информации за состојбата на синот. Тој околу 14 часот си заминал од болницата, а само вечерта сестрата ја прашала мајката дали е алергична на нешто. Утредента околу 12 кога дошол пак во болницата го пратиле да купи пелени, а од дежурниот педијатар дознал дека бебето е во критична состојба и требало да го транспортираат во Скопје. Според него подготовките за да тргнат траеле долго дури 40-тина минути.

- Кога поминуваа со инкубаторот му ја видов само косичката, свртено беше со грб и не сум сигурен ниту дали беше живо или мртво, изјави Драгољуб Китески, татко на бебето.

Кога бебето го донеле на детската клиника тоа веќе било починато.

- Новороденото старо 30 часа е донесено без знаци за живот, во придружба на педијатар со организиран транспорт. Реанимирано е по протокол, без одговор на реанимационата постапка, велат од детската клиника.

Таткото е револтиран што повеќе од 18 часа од породувањето никој не му кажал дека бебето не е добро и самиот да бара начин и доктори за да му даде шанса за живот. Дополнителна траума доживеале кога ги повикале да го видат мртво.

- На нас живо не ни го дадоа да го видиме, а мртво ни го покажаа, го тргнаа чаршавот и го видовме, вели таткото Драгољуб.

Од Клиничката болница пак тврдат дека направиле се за да го спасат бебето, а според нивното известување на мајката ова и била трета неуредно контролирана бременост. Од установата објаснуваат дека новороденчето веднаш откако дошло на свет било кратко реанимирано и поставено на кислород во инкубатор, а неколку часа подоцна родилката од неонатолог била известена за неговата состојба, која утредента нагло се влошила.

- Во текот на денот, состојбата на новороденото се подобрува, истото е со подобрена сатурација, везикуларно дишење, добро прима храна. Наредниот ден на 15 јуни 2024 година при утринска контрола утврдено е дека состојбата на новороденчето е непроменета. Во 13 часот и 25 минути истиот ден, состојбата на новороденото нагло се влошува поради што се повикани двајцата родители да дадат писмена согласност за транспорт на новороденото бидејќи транспортот на новореденото е со висок ризик, соопштија од Клиничката болница Битола.

Матичниот гинеколог од Битола пак која ја водел трудницата од 15-тата недела вели дека жената редовно доаѓала на прегледи и се било во ред.

Која е причината за смртта на новороденчето треба да покаже обдукцијата на Патологија во Битола. Семејството најавува дека правдата ќе ја бара на суд, најавуваат и кривични пријави до обвинителството, но поради лошата финансиска состојба немаат пари за адвокати и бараат помош.