Свет
10. February 2020 - 19:38

Баздникин: Русија никому не се заканува, ниту му кажува како да живее

Ние никому не му се закануваме, не му кажуваме како да живее, а врз тие принципи се темели и односот на Русија кон Македонија. Оваа порака ја испрати амбасадорот на Руската федерација во Македонија, Сергеј Баздникин, обраќајќи се на манифестацијата посветена на Денот на руската дипломатија кој традиционално се одбележува во Битола.

- Ние никому не му се закануваме, ништо не наметнуваме, никому не кажуваме како треба да живее, не се обидуваме да придобиеме еднострани предности. Врз овие принципи се темелат нашите односи со сите земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Би сакале и натаму да градиме односи со нашите македонски партнери врз основа на вистинска еднаквост, меѓусебно почитување и водење сметка за заемните интереси, доверба, посветеност на општопризнаените норми на меѓународното право – немешање во внатрешните работи, почитување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, рече Сергеј Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Македонија

Инаку, на овој ден, руските дипломати ширум светот им оддаваат почит на своите колеги и претходници кои го дале својот живот исполнувајќи ја својата должност. Во Битола голем број делегации положија цвеќе на споменикот „Руски крст“ посветен на рускиот императорски конзул Ростковски, убиен на ова место во 1903-та година.