Фудбал
5. јуни 2021 - 14:21

Барди е негативен на Ковид-19, им се приклучува на соиграчите во репрезентацијата

Фудбалерот на Леванте, Енис Барди е негaтивен на денешниот тест на Ковид-19, па, согласно протоколите на УЕФА, веднаш се приклучува на подготовките на македонската репрезентација.

Барди по пристигнувањето во Македонија, имаше позитивен тест на коронавирус иако немаше никакви симптоми поради што беше ставен во карантин во хотелот „Хилтон“. Дополнителна доза на неизвесност внесе и вториот тест кој беше направен пред три дена и исто така беше позитивен иако македонскиот репрезентативец немаше никакви симптоми и веќе тренираше одвоено од останатите репрезентативци. Исто така, Барди го пропушти и двата контролни натпревари на репрезентацијата, првиот со Словенија (1:1) и вчерашниот со Казахстан (4:0).

Но, денеска Барди има негативен тест и заедно со останатите репрезентативци ќе ги одработи последните три дена од подготовките во Скопје по што репрезентацијата на 8 јуни патува за Букурешт каде ќе ги одигра натпреватите од првите две кола на ЕП, на 13 јуни против Австрија и на 17 јуни против Украина.